Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти детали за акцијата што се случи денеска во Грчец во Сарај.
Тој соопшти дека е уапсен 47-годишниот маж со иницијали Ш.М. кој, како што рече Спасовски, бил дел од криминалната група, организирана заедно со други лица кои се занимавале со кокаин и убиства.
Спасовски информираше дека акцијата се развива неколку месеци, во соработка со властите во Франција, Холандија и Белгија.
„Преземени се низа активности со цел лишување од слобода на поединци кои се осомничени дека се членови на меѓународна организирана криминална група, биле вклучени во организација на набавка на наркотични дроги – кокаин, извршување на тешки криминални прекршоци – убиство. Денешните активности на вработените во БЈБ се резултат на повеќемесечна работа предводена од јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во чии рамки се обезбедени доволно докази дека во периодот определен од декември 2019 година – до март 2021 година на територијата на Македонија, обвинетиот Ш.М. 47 годишниот од село Герчец заедно со две лица, сега починати, О.Б и Ј.К. организирале криминална група во која членувале повеќе лица.
Криминалната група имала намера да изврши кривични дела – одмазда и нарачани убиства за профит, при што одредени лица правеле планови за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот и нивните одлуки и планови ги спроведувале лично или преку членови на криминалната група кои ги прифатија“, рече Спасовски.