Во врска со истрагата за упадот во Фонд за здравство, министерот Спасовски рече дека „тоа е дел од хибридната војна“.
Во моментов се работи на вештачењето на материјалите и на доказите за да можат да бидат поднесени кривичните пријави против лоцираната група која што изминатиот период испраќаше хибридни закани, изјави македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во одговор на новинарско прашање за групата која „преку Ај-Пи адреси во Иран и Русија праќала закани“, министерот потврди дека таа е лоцирана врз основа на криминалистички активности на кои што работат секторите за борба против тероризмот, за справување со криминал и за меѓународна полициска соработка.
„На самиот почеток кога започнаа ваквите напади, објавивме дека секојдневно работиме заедно со сите меѓународни организации. Така што, во целата постапка и наши и споделување на податоци, информации од страна на нашиот партнер и целосните детали ќе можеме да ги соопштиме во моментот кога ќе заврши прибирањето на доказите и подготвувањето на кривични пријави“, рече Спасовски.
Според министерот, завршувањето на постапката зависи од завршувањето на вештачењето.
„Ниту едно откривање на кривично дело не може да биде детерминирано со временска рамка. Ниту во минути, ниту во денови, ниту во недели. Тогаш кога ќе заврши вештачењето, кога ќе се обезбедат доказите тогаш ќе бидат поднесени кривичните пријави. Многу е важно да имате квалитетно завршена работа и тоа што ќе го поднесете да биде поддржано со доказ“, рече Спасовски.
Во врска со истрагата за упадот во Фонд за здравство, министерот рече дека „тоа е дел од хибридната војна“.
„Тоа е хибриден напад и таму сè уште се работи. Тоа е една огромна работа заради тоа што, знаете дека таму беше извршен напад во кој што беа загрозени многу документи и во овој дел имавме такви, имавме и во Бирото за јавни набавки, така да таму се работи на обезбедување на целосно затворање“, рече министерот.
На прашањето, како го толкува фактот дека Обвинителството го преквалификува делото, министерот одговори дека тоа е работа на друга институција.
Во однос на бројката на пријави за лажните дојави за бомби во училиштата, министерот одговори дека „тоа ќе се знае откако ќе завршат вештачењата“.