Спејс ВИП, американска компанија за луксузни вселенски патувања, го ангажираше познатиот дански готвач Расмус Мунк да подготвува оброци за вечера на работ на вселената – по цена од 500.000 долари по човек.
Веќе 24 часа по објавувањето на понудата, многу луѓе прашуваа каде можат да аплицираат, објави Блумберг.
Патувањето ќе трае шест часа во вселенски балон, кој ќе биде пуштен во стратосферата следната година.
Мунк ќе создаде мени за шест гости кои ќе се искачат на височина од 30 километри над површината на земјата и ќе вечераат заедно.
Менито допрва треба да биде финализирано, но во интервју за Блумберг, 32-годишниот готвач рече дека сака менито да биде иновативно како и патувањето.
Мунк е готвач во данскиот ресторан „Алхемичар“, кој е рангиран на петтото место во водичот „Најдобрите 50 ресторани на светот“ за 2023 година.
И покрај високата цена, Мунк рече дека повеќе луѓе се пријавиле за првото патување отколку што имало места во леталото.
„Свесни сме дека првото патување е многу скапо. Но на крајот на краиштата, ова е прво искуство од ваков тип“, изјави Мунк, кој ќе биде и учесник во летот.
Тој рече дека планот е да се организираат повеќе вакви патувања и да се намали цената на вечерата, за повеќе луѓе да уживаат во вакво искуство.
„Веќе имавме десетици квалификувани учесници кои изразија огромен интерес да бидат дел од ова искуство, но имаме само шест места. Претпоставуваме дека ќе направиме конечна листа на патници во следните неколку недели“, рече Роман Чипорука, основач. на њујоршката компанија Спејс Вип.
Леталото, направено од компанијата Спејс перспектив, не бара никаква претходна обука или специјална опрема.
Капсулата под притисок ќе биде подигната со вселенски балон, технологија развиена од НАСА, наместо со ракета.
Тест летовите ќе започнат следниот месец.
Спејс Вип не е првата компанија која нуди опција за јадење во вселената.
Минатата година, француската компанија Зефалто објави дека сака да им понуди на луѓето можност да вечераат во балон на работ на стратосферата за најмалку 132.000 долари, почнувајќи од 2025 година.