Аларм во Манчестер Сити: Остануваат без важен играч пред мечот со Реал?

 – На почетокот на неделата беше под знак прашалник дали Манчестер Сити ќе може да смета на Ерлинг Халанд за првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Реал Мадрид, а кога стана јасно дека Норвежанецот е подготвен, се појави нов проблем.

Имено, на пријателскиот натпревар помеѓу селекциите на Англија и Бразил одигран во саботата вечерта на „Вембли“, се повреди првотимецот на актуелниот европски шампион – Кајл Вокер.

Натпреварот го започна како стартер, но веќе во 20. минута мораше да го напушти теренот и засега е неизвесно дали ќе може да се опорави за дуелот против шпанскиот тим.

-Фрустрирачки е што како капитен морав да напуштам поради повреда, но секако ми беше чест да бидам дел од тој голем натпревар. Се надевам дека ќе се вратам на теренот што е можно поскоро, напиша Вокер на својот Инстаграм профил. 

Следниот натпревар Англија го игра против Белгија во вторник, но речиси сигурно е, каков и да е резултатот од деталните лекарски анализи, Вокер да отсуствува од тимот.

-Треба да почекаме 24 или 48 часа и да видиме каква е ситуацијата со неговата повреда. Тој досега немал многу вакви ситуации во кариерата, па треба време да видиме како телото ќе реагира, изјави селекторот на Англичаните, Герет Саутгејт.