Според законот Охридското езеро требало да се порибува секоја година од 2017 година, кој ќе сноси одговорност од ЕСМ што воопшто не е порибенo од 2019 година?

Хидробиолошкиот завод во Охрид кој е основан во далечната 1935 година по иницијатива на истакнатиот еколог и лимнолог академикот Синиша Станковиќ е прва научна институција на Балканот со чие основање, како што велат експертите, се случува пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро, бидејќи се создале предуслови за продолжување на систематското проучување на езерото и богатата флора и фауна со голем број ендемични и реликтни видови.

Во денешно време оваа инситуција може да се пофали со научен кадар, има 12 доктори на науки, 2 магистри и еден помлад асистент, организирани во 10 одделенија. Овие наши експерти може да ви ги даде вистинските одгвори кога станува збор за прашањето што не интересира  во истражувањето на редакцијата на Журнал, а поврзано со порибувањето на Охридското езеро и заштитата на живиот свет во него. Оттаму , побаравме мислење од оваа инситуција дали е загрозен биодиверзитетот на езерото поради нередовно порибување, кое во два наврати се случило на три до пет години и тоа со помал капацитет на подмладок од јагула.  

Душица Илиќ-Боева, експерт од одделение за салмонидна фауна, практично рибарство и аквакултура вели дека  Хидробиолошки завод – Охрид, по однос на начинот на порибување на Охридското Езеро со подмладок од европска јагула, со децении наназад им посочува на релевантните институции вклучени во овој процес за потребата од измени на процесот. И не само тоа. Стручните луѓе од охридскиот завод  во повеќе наврати имаат дадено предлози поврзани со биологијата на видот за најповолен начин на порибување.

Илиќ – Боева потсетува дека во рамките на трилатералниот прекуграничен проект  (Р. Македонија, Р. Албанија и Р. Црна Гора) „Заштита и одржливо користење на биодиверзитетот на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро“ (Conservation and Sustainable Use of Biodiversity at Lakes Prespa, Ohrid and Shkodra/Skadar – CSBL) во 2019 и 2020 година бил изготвен Нацрт заеднички план за управување со јагулата во сливот на Реката Дрим (Joint European Eel Management Plan for the Drin/Drim River Basin).

Овој проект е финансиран од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), а изготвен од претставници на научни институции во согласност со релевантните министерства во трите земји.

„При изготвувањето на овој документ, иако спроведувањето на Регулативата на Европскиот Совет бр. 1100/2007, таканаречена Директива или Регулатива за јагулата, обврзна за сите членки на Европската Унија, а сеуште не законска обврска на овие три држави, сите предложени мерки во Нацрт Планот беа дадени со цел за возвраќање на популацијата на европската јагула во природните станишта, односно во слатките води. Всушност, предложениот начин на порибување е со цел рехабилитација на природната популација на јагулата во Охридското Езеро со двосмерна транслокација“, вели д-р Илиќ-Боева во изјава за Журнал.

Тоа, како што објаснува нашата соговорничка, значи дека кога возрасните половозрели јагули се подготвени за миграција, истите да бидат колекционирани по излезот од Охридското Езеро на Далјанот и транспортирани до слободниот тек на реката Дрим во Албанија по последната брана, каде би го продолжиле природниот пат на миграција до Јадранското Море, а понатаму до Саргасовото Море. Подмладокот, кој е во фаза на стакленки при влез од солена во слатка вода од Јадранското Море во Реката Бојана, да биде транслоциран до Охридското Езеро.

„На ваков начин езерото би се порибувало со подмладок кој во себе го има генетскиот код за припадност на Дримскиот воден слив. Досегашните порибувања на Охридското Езеро, како што покажаа истражувањата при изготвувањето на Нацрт Заедничкиот План за управување со јагулата во сливот на реката Дрим се вршени во најголем дел со фармски одгледан подмладок и тоа со покрупен подмладок. Мора да се напомене дека разликата помеѓу природен подмладок и фармски одгледан подмладок е драстична и тие имаат различно темпо на раст и живот“, вели д-р Илиќ Боева.

Во врска со прашањата на Журнал околу количеството на јагула потребно за порибување на езерото, од Хидробиолошкиот завод во Охрид наведуваат како всушност требало да постапат одговорните согласно законската регулатива која очигледно, како што објавивме и претходно, е напишана да стои само на хартија, со оглед на тоа што добивме и официјална потврда дека езерото не било порибено дури од 2019 година.      

„За порибувањето со подмладок од јагула во 2019 година, како и за секое порибување, согласно член 104 од Законот за рибарство и аквакултура на Р. С. Македонија (Сл. весник на Р. М. бр. 7/08, 67/10, 47/11, 53/11, 95/12, 164/13, 116/14, 154/15, 193/15, 39/16 и 83/18 и Сл. весник на Р. С. М. бр. 150/21) и согласно  точка 9.1 од Риболовната Основа за риболовната вода Охридско Езеро за периодот од 2017-2022 година (Сл весник на Р. М. бр. 55/17), Охридското Езеро требало да се пориби со најмалку 750 килограми европска јагула (аnguilla anguilla), со маса до 30 g., но не со помалку од 25.000 единки. Порибувањето со иста количина требало да биде извршено секоја година, во случајов во периодот од 2017 заклучно со 2022 година, согласно веќе наведената Риболовна основа“, вели д-р Илиќ- Боева.

Таа потенцира дека како најважна мерка за рехабилитација и реконституирање на природната популација на јагулата во Охридското Езеро е порибување со соодветен, односно природен подмладок.

За овој проблем било разговарано на  9-тата Конференција на засегнати страни за Дримскиот Басен, одржана во Тирана лани, на 25-26 октомври, а  во рамките на Координираната акција (CORDA) за имплементација на Дримската Спогодба (Drin Memorandum of Understanding) каде што биле предложени десет мерки за реставрација на популацијата на јагула.

Првата од тие мерки предвидува обновување на јагули стакленки. За оваа мерка Албанија, Црна Гора и Северна Македонија треба да спроведат активности за обновување, а при тоа да се користат само млади миграциски јагули уловени во утоките на реката Дрим во Албанија или Црна Гора во текот на пролетта.

Овие јагули, како што велат експертите имаат најдобра способност за населување во сливот на реката Дрим и најдобро ќе се прилагодат на животната средина. Потоа било предложено поставување стапица и транспорт на сребрени јагули за  да се спречи умирање на сребрените јагули кои мигрираат низводно во турбините на хидроцентралите. Една опција, според експертите од Хидробиолошкиот завод би била да се фатат рибите над станиците и да се транспортираат до вливот на ЕМУ Дрим за да се обезбеди нивна понатамошна миграција до Саргасовото Море. Како трета мерка било предложено отстранување или наизменично отворање на риболовната стапица Дајлан/Даљан на истекот на Скадарско Езеро. Една од мерките предвидува определување на дозволената големина за риболов на јагулата.

На конференцијата во Тирана било предложено како мерка и тоа дека треба да се определи која опрема ќе биде дозволена за риболов, да се знае лимитот за улов за комерцијални риболовци на јагули и за рекреативни риболовци на јагули, потоа да се воведе затворена сезона за време на миграцијата на сребрените јагули меѓу трите земји. Наизменично исклучување на хидроенергетската турбина истоа била една од предложените мерки како и намалување на смртноста од предаторски корморани во сите три земји.