‘СПРЕМНИ ЗА УДАР!’ – Ново оружје, 300.000 војници, сили за брз одговор – ова е планот на НАТО во случај на руски напад
Северноатлантската алијанса се подготвува за „конфликт што може да се случи во секое време“, пишува медиумската агенција Reuters за воените планови на НАТО, за кои ќе се одлучува на самитот во Вилнус во јули.
Целта е подобра подготвеност на Алијансата за напад и подобрена логистика. За прв пат по Студената војна, се ажурираат плановите за тоа како да се одговори во случај на руски напад.
„Основната разлика помеѓу кризниот менаџмент и колективната одбрана е следнава: не сте вие, туку нашиот непријател, кој одредува кога ќе нападне“, изјавил адмиралот Роб Бауер, еден од главните воени функционери во НАТО.
НАТО ова го нарекува како „регионални планови“, а како дел од нив се членките на НАТО на кои ќе им бидат дадени насоки.
„Сојузниците точно ќе знаат какви сили и капацитети се потребни, вклучително што, каде и кога да се распореди“, коментира Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, за доверливите документи. Ова ќе го формализира процесот што започна по руската анексија на Крим во 2014 година, кога западните сојузници прв пат испратија борбени единици на исток и кога Велика Британија, Канада и Германија ги презедоа лидерските улоги во трите балтички држави.
Алијансата, се согласуваат експертите, повеќе не се подготвува за голем напад, туку за неколку помали, регионални кризи, за кои ќе биде потребно брзо распоредување на силите. На крајот на краиштата, мапите се значително различни отколку во Студената војна, со оглед на повеќето земји-членки и пристапувањето на Финска како последна земја-членка на пактот. Сега и таа граница е значаен дел од сложувалката, а претходно главно потенцијално бојно поле беше Германија.
Голема новина е и постоењето на дронови, хиперсонично оружје и брзата циркулација на информации. Има многу предизвици – 300.000 војници треба да бидат ставени во готовност, од претходните 40.000, а има и производство на муниција и оружје, исцрпени од војната во Украина.