Спречен атентат на Николас Мадуро?!

Армијата и полицијата на нозе

Венецуелските власти уапсија 32 лица, вклучително и војници и цивили , за нивната наводна улога во заговор за атентат на претседателот Николас Мадуро, објави венецуелското обвинителство.

Главниот државен обвинител Тарек Вилијам Саб , близок на Мадуро, потврди дека уште 11 лица, меѓу кои активисти, новинари и војници, се уапсени за планирање на ликвидација на венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино , пишува АФП.

– Сите осомничени го признаа она за што се обвинети и обелоденија информации за овие планови –  изјави Саб за медиумите.

За време на неговото неделно телевизиско шоу што се емитува во понеделник, Мадуро го овласти Падрино да го протера осомничениот воен персонал од националните вооружени сили.

Мадуро ја обвини опозицијата дека работи со САД за да го поткопа неговото владеење. Владата на Мадуро ја обвини „екстремната десница“, како што ја нарекува опозицијата, дека е поддржана од ЦИА и ДЕА.

Властите објавија и видео за кое тврдат дека ја поврзува опозициската лидерка Марија Корина Макадо со заговор за наводно убиство на Мадуро. Саб рече дека ќе следат уште апсења.

Министерот: Истрагата за заговор беше чувана во тајност поради разговорите меѓу Мадуро и САД за размена на затвореници

На прес-конференција, министерот за одбрана Падрино откри дека повеќемесечната истрага за заговорите се чувала во тајност бидејќи разговорите меѓу Мадуро и САД се воделе приближно во исто време, што резултирало со размена на затвореници.

Мадуро вети дека ќе одржи слободни и фер избори во 2024 година. Сепак, на главната опозициска кандидатка, Марија Корина Макадо, ќе и биде забрането да се кандидира поради наводни злосторства, вклучително и обвинувања за корупција и поддршка на американските санкции, пишува АФП.