Да потсетиме, во јули 2022 година во Грција се урна транспортен авион за кој се тврдеше дека превезува оружје од Србија во Украина
Србија се најде во деликатна ситуација. Имено, откриено е дека украинската армија користи ракети произведени во Србија и дека ги добивала од Србија. Руските прорежимски медиуми објавија дека 3.500 ракети М-21 ГРАД 122 мм и биле доставени на украинската армија од познатата српска фабрика за оружје Крушик од Ваљево преку Турција и Словачка и велат дека оваа вест е „вознемирувачка и разочарувачка“ доколку Србија како „рускиот братски сојузник“ работи зад грб на Москва, спротивно на нејзините изјави за „неутралност во овој конфликт“.
Всушност, деликатноста се состои во тоа што Србија „ја поддржува руската страна“ во војната во Украина и прогласува неутралност, а Москва ја смета за сојузник, па оваа информација не му се допадна на Владимир Путин. Така, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја изрази својата „најдлабока загриженост“ за, како што рече, „информациите за продажба на српско оружје на Украина“ и побара од Белград „официјално објаснување за фактот дека српското оружје е доставено во Украина“. „Ова е многу сериозно прашање од гледна точка на руско-српските односи и потребно е да се потпреме на фактите“, рече Захарова и го предупреди Белград дека „Москва ќе извлече поуки и заклучоци од овој случај“.
Марија Захарова, според московски Ведомости, изјавила дека „Кремљ многу внимателно ја следи оваа приказна“, но се чини дека Москва не е сигурна во демантите на српската страна.
Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, еден од најблиските соработници на Вучиќ, рече дека Србија не и продава оружје на Украина, туку дека тие можеби пристигнале таму од „прекупувачи“, а Крушик веднаш испрати деманти. „Дали приватните компании купуваат на трети пазари и продаваат на компании во други земји не е прашање за Србија. За нас тоа може да биде разузнавачки интересно”, рече Вучевиќ. Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека „Србија не и продава оружје на Украина“ и рече дека од почетокот на војната Србија не и дала оружје на „ниту една од страните во конфликтот“. „Тврдам дека Србија не извезувала оружје во Украина бидејќи моето министерство издава извозни дозволи.
Но, и покрај тоа руските државни медиуми како порталот „Маш“ наведуваат дека ракетите биле нарачани од канадската компанија „ЈНЈ експорт импорт“, потоа од српскиот Крушик биле префрлени во Турција, каде што биле преземени од турската компанија Арца Савунма Санаи Тикарет, која потоа ги префрлила во Словачка, а оттаму во Украина. Порталот Русинфо наведува дека имало две испораки, на 4 и 6 февруари 2023 година. Захарова изјави и за московскиот дневен весник РБК дека не сака да слуша извинување „преку медиумите или каналот Телеграм, поради протекување информации, туку сака официјално дефиниран став од српската страна“. „Мора да се откријат фактите. Потоа ќе се донесат соодветни заклучоци бидејќи тоа е исклучително важна тема за билатералните односи на нашите земји“, посочи Захарова за РБК.
Сепак, изјавата на рускиот политиколог Данило Гуреев за прорежимскиот портал News.ru сведочи дека се уште се претпазливи во Москва, а тој вели дека не би бил изненаден доколку Србија навистина и продаде оружје на Украина бидејќи претседателот Вучиќ се повеќе „попушта на притисок од Запад“ и потсетува дека Србија е „остров“ опкружен со членки на НАТО. „Нема докази дека Вучиќ ја снабдува Украина со оружје, но оваа можност не е исклучена“, рече Гуреев и додаде дека Вучиќ долго време се обидува „да седне на две, па и на три столчиња“, иако, како што вели, српскиот народ е „цврсто со Русија“.
Да потсетиме, во јули 2022 година во Грција се урна транспортен авион за кој се тврдеше дека превезува оружје од Србија во Украина, иако се зборуваше дека се работи за испорака на „училишни мини“ во Бангладеш, но малкумина поверуваа во тоа.