Србија ги ослободи тројцата косовски полицајци кои беа киднапирани на 14 јуни

Тројца припадници на косовската полиција, кои беа уапсени на 14 јуни во Србија, се ослободени, јавуваат бројни регионални медиуми.

Рифат Зека, Беќир Сефи и Мустафа Шеми беа киднапирани на 14 јуни годинава, а како што беше претходно објавено, тие беа заробени од српските специјални единици на територијата на Косово.

Веднаш по овој чин, Европската унија и Соединетите Американски Држави (САД) повикаа на нивно ослободување.

Приштина тврди дека полицајците биле киднапирани од територијата на Косово, а од Белград велат дека биле уапсени на територијата на Србија. Како што претходно соопштија српските власти, тие се осомничени дека сториле кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи, за кое е предвидена казна затвор до 12 години.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ го информирал премиерот Виктор Орбан за ослободувањето на полицајците, пренесува Коха.

Адвокатот од Белград, Градимир Налиќ, кој ги застапува уапсените косовски полицајци во Србија, за Радио Слободна Европа потврди дека им е укинат притворот и дека, како што изјави, се пред ослободување.

„Обвинението е потврдено, а притворот е укинат и ќе се бранат од слобода“, рече Налиќ и додаде дека полицајците се враќаат на Косово.