Србија го враќа задолжителниот воен рок!? Покрената иницијатива, се чека одлуката на Врховниот командант

Со цел зголемување на одбранбените способности на српските вооружени сили, преку подмладување и подобрување на пополнувањето и обуката на активните и резервните сили, Генералштабот на Вооружените сили на Србија, како највисоко стручно и штабно тело за подготовка и употреба на српските вооружени сили во мир и војна, покрена иницијатива и му предложи на претседателот на републиката повторно воведување на обврската за отслужување воен рок, во траење до четири месеци.

Предлогот на Генералштабот на српските вооружени сили доаѓа по деталното разгледување на општата безбедносна ситуација и современите предизвици со кои се соочува Република Србија како воено неутрална земја.

Ова, како што се наведува, е направено со цел да се зголемат одбранбените способности на вооружените сили на Србија, преку подмладување и подобрување на пополнувањето и обуката на активните и резервните сили.

Според минатогодишните податоци, бројот на расположливи лица за воен рок изнесува 2.579.620 лица на возраст од 15 до 49 години, додека бројот на лица со право на воен рок на годишно ниво е до 120.000 лица.

Она што е важно да се напомене е дека задолжителниот воен рок е прекинат во 2011 година и дека за 13 години од него излегле голем број луѓе од резервниот состав поради навршени 65 години.

Неколку илјади војници кои отслужиле доброволно отслужување на воениот рок од 6 месеци во наведениот период, главно, тоа го направиле заради вработување во Армијата на Србија како професионални војници.

Ова само укажува дека резервниот состав на српските вооружени сили е значително намален во период од 13 години, што се мери во илјадници резервни припадници кои повеќе не се во резервна служба, додека професионалниот состав е зголемен само за неколку илјади и тоа најмногу во последните неколку години.