Министерот за транспорт, градежништво и инфраструктура Горан Весиќ изјави дека реконструкцијата на пругата Ниш – Брестовац, која започна пред повеќе од три години, ќе заврши во февруари 2025 година.
До февруари следната година ќе бидат завршени уште 23 километри пруга јужно од Ниш до Брестовац. Имаме уште 135 километри во Србија и 50 километри во Македонија да ги поврземе Скопје, Ниш, Белград, Нови Сад и Будимпешта. Тоа го договоривме со Владата на Македонија. Заеднички ќе бараме финансии за нашите 135 километри и нивните 50 километри, истакна Весиќ во гостувањето на телевизијата Прва.
Изградбата на таа пруга започна свечено, во септември 2021 година, во Долно Меѓурово, во присуство на претседателот на Србија Александар Вучиќ и бројни функционери.
Требаше да се изгради до јуни 2023 година, но тогаш не беше завршена. Изведувач на работите е конзорциум на бугарските компании Trace Group Holding PLC и Balkantel, вредноста на договорот е околу 60 милиони евра и станува збор за работи на модернизирање на пругата на меѓународниот Коридор 10 преку Србија, меѓу Ниш и Брестовац.
Кога станува збор за брзата пруга Белград – Ниш, Весиќ кажа дека таму ќе возат возови со брзина од 200 километри на час и дека работите ќе почнат следната година.
Весиќ рече и дека Европската комисија донела директива според која земјите кои не се членки на Европската унија, а низ кои минува коридорот можат да добиваат пари за железницата.