– Владата на Србија донесе одлука да овозможи слобода на движење за сите возила од Косово, изјави директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ.
Петковиќ нагласи дека на сите гранични и административни премини ќе биде истакната изјава за одрекување од одговорност.
Како што е наведено во текстот за одрекување од одговорност објавен на веб-страницата на Владата на Србија, дозволувањето на сите возила да учествуваат во патниот сообраќај се врши исклучиво од практични причини, со цел да се олесни положбата на поединците и да се овозможи нивна слобода на движење и не може да се толкува како признавање на еднострано прогласената независност, не го прејудицира утврдувањето на конечниот статус и не може да се толкува како согласност на Белград да отстапи од правата загарантирани со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Одлуката ќе се применува од 1 јануари.
Петковиќ додаде дека на тој начин ги заштитиле правата на народот во Косово и овозможиле слобода на движење.
„Не ги преминавме црвените линии во зачувувањето на националниот интегритет и суверенитет“, рече тој, соопшти Владата на Србија.
На истата седница на Владата беше донесена обврзувачка одлука за сите – да не се преминуваат црвените линии.
„Денеска на седницата на Владата донесовме посебна одлука за принципот, пристапот и ставот дека претседателот на Србија, како и целата Влада, е должен јасно и недвосмислено да се држи до нашите црвени линии во преговорите и дијалогот. Апсолутно го почитуваме суверенитетот и територијалниот интегритет, како што и досега е направено“, рече Петковиќ.
Тој додаде дека тоа е важна и значајна одлука која јасно и недвосмислено кажува дека нема признавање на Косово и неговото членство во ОН, како и во организациите и агенциите на системот на Обединетите нации.
„Регистарските таблички што ги овозможивме, како пред една година, личните карти, не се симбол на државноста“, рече Петковиќ и потсети дека во светот постојат голем број примери дека во една земја се користат различни таблички, како на пример, Кина и Хонгконг, но се работи за кинеската држава.
Тој додаде дека таков пример постои во Италија, каде различни региони користат различни плочи.
Петковиќ рече дека не е тајна дека 99 отсто од Србите во Косово користат таблички РКС, бидејќи тоа е единствениот начин да се живее, преживее и движи.