Средбата на Ковачевски и Мицкоски во средината на неделата

– Во среда би требало да се одржи средбата на премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Разговорите најверојатно ќе се одвиваат во Клубот на пратеници. 

Засега за часот и форматот на оваа средба нема информации. Ковачевски најави средба со Мицкоски и со тимовите од двете страни, додека Мицкоски вчера изјави дека преферира тет-а-тет средба затоа што според неговото искуство од тимските средби никогаш не произлегуваат заклучоци. 

Премиерот Ковачевски кажа дека теми на разговор би биле одлуките што се потребни за европската интеграција на државата, додека Мицкоски смета дека треба да се разговара и за тоа што доколку уставните измени не ја добијат потребната поддршка. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да гласаат за овие измени и дека треба да се оди на есенски избори. 

– Ќе повикам на лидерска средба, а темите ќе бидат одлуките што треба да се донесат за продолжување на европските интеграции на државата и зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година, како и темата за односите со соседите бидејќи добрососедските односи се едни од најзначајните за европските интеграции. Средбата треба да се одржи во текот на наредните денови и за сите детали ќе може да информираме заедно со сите учесници на средбата, рече Ковачевски во четвртокот во телевизиско гостување.

Мицкоски, пак, во емисијата „360 степени“ рече дека преферира средба само со Ковачевски. 

– Моето искуство покажало дека на таков широк формат на средби, не лидерска, туку тимска средба, никогаш не се носеле заклучоци. Тоа е повеќе ПР-егзибиција, да поминат неколку часа разговори на оваа или на онаа тема, да излеземе пред новинарите, да дадеме изјави и практично, освен спектакл за јавноста, воопшто ништо нема да значи таа средба. Јас, напротив, сметам дека во овие моменти, кои се суштински за државата, е потребно после една таква лидерска средба треба да излеземе со некаков заклучок, рече Мицковски.

Според него, доколку постои инсистирање наместо лидерска да има тимска средба, тогаш предлогот е прво да се организира средба меѓу тимовите, да се видат позициите, а потоа да се сретнат лидерите на двете партии.

Вели дека има две опции за кои би требало да се разговара – едната се уставните измени и втората што доколку не успее овој процес.