Средба Ковачевски-Блинкен: Стратегиското партнерство меѓу САД и Северна Македонија се продлабочува

Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори, високо ценејќи ги досегашните одлуки на Владата во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамките на ЕУ и НАТО.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Вашингтон, Соединетите Американски Држави (САД), вчера се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Според соопштението на Владата на Северна Македонија, на средбата Ковачевски и Блинкен размениле мислења за билатералните односи помеѓу Северна Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.

„На средбата на која беше присутен и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, премиерот Ковачевски оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и дека Северна Македонија останува стабилен стратегиски партнер и докажан сојузник на САД. Двете држави споделуваат длабоки врски, засновани врз заедничка почит на демократските вредности и човековите права и ваквите односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика”, стои во соопштението.

Американскиот државен секретар Блинкен, на состанокот потенцирал дека САД високо го ценат придонесот на Северна Македонија во регионалниот контекст, но, пред сѐ, како цврст НАТО-сојузник. Блинкен истакнал дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори, високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки што Владата ги презела во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамките на ЕУ и НАТО.

„Блинкен ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите што се пред неа, а на тој пат државниот секретар потенцираше дека САД ќе стојат цврсто со Северна Македонија”, стои во соопштението.

Од друга страна, премиерот Ковачевски потенцира дека Северна Македонија добива силна и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратегиските цели од прогласувањето на независноста до денес.

Премиерот изрази искрено задоволство од успешното започнување на Стратегискиот дијалог со САД, додавајќи дека тој дијалог е од интерес на двете земји за конкретизирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.

„Премиерот Ковачевски ја нагласи важноста од досегашната поддршка на САД за продолжување и интензивирање на реформскиот процес за натамошна демократизација на нашето општество, владеење на правото, борба со корупцијата и криминалот, што е значајно охрабрување во процесот на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ. Во оваа насока беше потенцирана целосната поддршка што Северна Македонија ја добива од страна на САД во насока на преземање на следните чекори во евроинтегративниот процес на земјата”, стои во соопштението.

Исто така, премиерот истакнал дека реформите за владеењето на правото и борбата против корупцијата се највисоки приоритети, додавајќи дека Владата високо ја цени американската поддршка за развојот на антикоруптивните стратегии.