– Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, денеска соопшти дека разговарал со косовскиот премиер Албин Курти за одлуката на Косово да ја забрани употребата на динари во готовинските плаќања.
Централната банка на Косово пред неколку недели издаде нов декрет, со кој се бара од 1-ви февруари сите готовински плаќања каде било во Косово да се вршат само во евра, со што се става крај на употребата на српскиот динар во земјата.
На прашањето дали разговарал со Курти за одложување на одлуката на Централната банка на Косово, Лајчак им рече на новинарите: „Го споменавме ова прашање за одлуката на Централната банка на Косово, но не сакам да дејствувам како заменик на косовската Влада, но утре ќе бидете информирани за тоа“, пренесува Радио Слободна Европа.
На прес-конференцијата по средбата во Приштина, Лајчак рече дека се зборувало и за нападот на група вооружени Срби врз косовската полиција на 24 септември 2023 година во селото Бањска на северот на земјата.
За нападот во Бањска, каде што загинаа полицаец и тројца напаѓачи, се разговарало и на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ завчера во Белград, нагласи Лајчак.
– За нападот во Бањска се разговара секој пат на секоја средба откако се случи, потенцираше Лајчак.
Тој рече дека ЕУ очекува оние кои биле инволвирани во нападот во Бањска да одговараат пред законот.
„Европската јавност и земјите-членки на ЕУ очекуваат инволвираните да одговорат. Во однос на истрагата, јас не сум вистинскиот човек да кажам дека нема истрага што ја води ЕУ, но одредени земји истражувале или истражуваат. Добиваме податоци од државите-членки и европските партнери“, појасни тој.
Специјалниот пратеник, исто така истакна дека има мал напредок во нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово.
„Има мал напредок во поширока смисла, во нормализацијата на односите, имаме договор од февруари и март минатата година, што значи дека не треба да не прашуваат што треба да се направи, ниту да не прашуваат како да се направи тоа. Прашањето е кога да се направи тоа. Јас велам – токму сега“, истакна Лајчак.