Средба министерот Османи со претседавачот на Воениот Комитет на НАТО, адмирал Бауер

– Министерот за надворешни работи, Бујар Османи остварил средба со претседавачот на Воениот Комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, во рамки на неговата посета на Северна Македонија.

Актуелните безбедносни предизвици, со фокус на војната во Украина и последиците од истата, како и  мерките кои ги презема Алијансата со цел адаптирање кон новата безбедносна реалност, справување со предизвиците и зајакнување на одбраната и одвраќањето, биле темите за кои се разговарало на средбата. Во тој контекст, како што соопштија од МНР, се осврнале на неодамнешниот Самит на НАТО во Вилнус и значајните одлуки кои ги усвоија лидерите на земјите – членки, со што, уште еднаш се потврди единството на Алијансата.

Османи нагласил дека Северна Македонија како кредибилен сојузник, останува посветена во својата определба за придонес кон глобалниот мир, колективната безбедност и стабилноста на регионот. Во таа насока, го истакнал нашиот придонес во мисиите и борбените групи на НАТО, како и определбата за одвојување на два проценти од целокупниот БДП за одбраната.

Како што информираа од МНР, посебен акцент на средбата бил ставен на актуелните состојби во Западен Балкан. 

– Алијансата останува посветена и фокусирана кон нашиот регион, кој е од стратешко значење за НАТО. Сигурноста и просперитетот на Западен Балкан е еден од нашите надворешно – политички приоритети и со оглед на тоа преземаме про – активна улога за унапредување на евро – атлантските интегративни процеси и зачувување на стабилноста и просперитетот, заклучил Османи.