Претседателот на Собранието Африм Гаши денес оствари средба со Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава Петра Дрекслер.
Како што информираат од собраниската прес-служба, било искажано особено задоволство од реализацијата на средбата и благодарност за германскиот проактивен пристап и поддршка во остварувањето на нашите стратешки цели, претходно членството во НАТО и нашите тековни напори кон поноправно членство во Европската унија. Гаши ја поздравил инцијативата и активностите кои произлегуваат од Берлинскиот процес, вклучително и неодамнешната парламентарна димензија и поддршката од специјалниот пратеник за Балканот Сарацин. Несомнено, како што се посочува, меѓу најзначајните, е благодарноста за Резолуцијата на Бундестагот за нашиот пат кон ЕУ, особено признанието на македонската култура, идентитет и јазик, како еден важен сегмент од интензивната соработка на сите нивоа меѓу двата парламента. Истакната била и програмата ИПС за млади лица која треба да продолжи и во иднина, како и поддршката на Фондациите Фридрих Еберт и Конрад Аденауер на политичките партии земјата.
![Африм Гаши - Петра Дрекслер](https://mia.mk/articles/images/%D1%81%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B1%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%B3%D0%B0%D1%88%D0%B8%D1%81%D0%BE%D0%B3%D0%B5%D1%80%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0%D0%B0%D0%BC%D0%B1%D0%B0%D1%81%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D1%80%D0%BA%D0%B0%D0%B4%D1%80%D0%B5%D0%BA%D1%81%D0%BB%D0%B5%D1%80PBXIM/F0n7lynzr/large.webp?use_watermark=0)
Амбасадорката Дрекслер упатувајќи честитки на Гаши, му посакала успех во водењето на оваа функција во период со многу предизвици. Ја потврдила одличната соработка меѓу двете држави и двата парламента, изразувајќи благодарност за нашиот пристап кон ИПС прорамата и задоволство за корисноста на програмите на двете германски фондации кај домашните политички чинители. Во однос на Берлинскиот процес, информирала за овогодинешниот десетгодишен јубилеј и одржувањето на Самит во Берлин, притоа изразувајќи надеж за учество и на парламентарна делегација на овој настан. Амбасадорката изразила надеж дека во периодот што следи, земјата ќе продолжи на својот евроинтегративен пат со несмалено темпо и со спроведувањето на досега преземените обврски.
Двајцата соговорници размениле мислења за идните можности за соработка и за потенцијалите во доменот на економијата, развојот на пазарното стопанство и други области од взаемен интерес