Средба на претседателката Сиљановска Давкова со Денис Беќировиќ, претседавач на Претседателството на БиХ
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Вила Водно, во пресрет на одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, остварила средба со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.
Како што соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, на средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи, за актуелните состојби и европската перспектива на двете земји, како и за безбедносните и политички аспекти во регионот.
Двајцата соговорници ги потврдиле заложбите за целосна интеграција во Европската Унија и изразија подготвеност за размена на искуства, меѓусебна помош и поддршка во реформските процеси.
– На средбата беше посочена важноста од натамошно унапредување на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи, со цел интензивирање на евроинтеграциите и справување со предизвиците на регионално ниво. Соговорниците ја потврдија взаемната заложба за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес и ја посочија потребата од подобрување на инфраструктурното поврзување, стои во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.