Средба на претседателот Пендаровски со Абдулах бин Мухамед АлШеикх, претседател на Собранието на Саудиска Арабија
Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го прими Абдулах бин Мухамед АлШеикх, претседател на Собранието на Кралството Саудиска Арабија (Меџлиси ал Шура), кој престојува во официјална посета на Северна Македонија.
-На средбата беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи кои се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање и беше истакнато дека соработката меѓу двете земји е интензивирана во последните неколку години, што е потврдено со бројни активности на двете страни. Во оваа насока претседателот Пендаровски посочи дека со денешната посета, очекува натамошно зајакнување на парламентарната соработка, што е значаен сегмент од севкупните билатерални односи на двете земји, информира Кабинетот на Пендаровски.
Соговорниците размениле мислења и информации за актуелната ситуација на Блискиот Исток, во контекст на, како што се наведува во соопштението, „важната позиција на Саудиска Арабија во арапскиот свет“.
-Во оваа насока претседателот Пендаровски посочи дека Северна Македонија ја цени улогата на Кралството Саудиска Арабија во напорите за стабилизација во регионот на Блискиот Исток. Истовремено, претседателот Пендаровски нагласи дека за сите безбедносни прашања во Европа, како и на Блискиот Исток и регионот, Северна Македонија е усогласена со позицијата на ЕУ и ги координира своите политики во рамките на ЕУ и со земјите партнери во НАТО, соопшти претседателскиот Кабинет.
На средбата се разговарало и за економската соработка меѓу двете земји, при што претседателот Пендаровски упатил честитки за ЕКСПО 2030, што ќе се одржи во Ријад.
-ЕКСПО 2030, како што истакна претседателот Пендаровски, ќе претставува додадена вредност во односот меѓу двете пријателски земји, а ќе влијае во македонската економија во различни области како енергетика, туризам, земјоделство и преработка на храна, недвижности, индустрија, соопшти Кабинетот на Пендаровски.