Средби на Борел со шефот на израелската дипломатија Коен и палестинскиот премиер Штајех 

 Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на маргините на 78-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк имаше средби со шефот на израелската дипломатија Ели Коен и со палестинскиот премиер Мохамад Штајех, на кои главни теми биле блискоисточниот мировен процес, билатералните односи и регионални прашања. 

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Борел своите соговорници на двете средби ги информирал за неговите предлози за заживување на мировните процес на Блискиот Исток, преку иницијативата „Обид за ден на мирот“. 

Целта на оваа иницијатива, според Борел, е развивање на позитивна визија со широка поддршка од меѓународната заедница за унапредувањето на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот на Блискиот Исток. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Борел на средбата со Коен ја истакнал важноста што ЕУ им ја придава на односите со Израел, како еден од нејзините најблиски партнери во регионот, додавајќи дека Унија бара отворен и конструктивен пристап на израелската страна кон мировниот процес на Блискиот Исток. 

– Европската Унија и нејзините земји членки остануваат цврсто посветени на решението за формирање на две држави и се подготвени да придонесат за мировниот процес, истакнал Борел. 

Тој ја потврдил заинтересираноста на Унијата за „понатамошно проширување на силната соработка“ со Израел и поддршката да продолжи продлабочување на билатералниот дијалог, вклучително и во рамки на следниот состанок на Советот за асоцијација ЕУ-Израел, кој треба да биде свикан наскоро. 

Претходно, на средбата со Шајех, Борел ја повторил поддршката на Европската Унија за палестинскиот народ и за Палестинската автономна управа.  

– ЕУ останува посветена на праведен, усогласен и сеопфатен договор за израелско-палестинскиот конфликт, врз основа на решението за формирање две држави, изјавил Борел, додавајќи дека со нетрпение го очекува политичкиот дијалог на високо ниво меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ и на Палестинската автономна управа, планиран за во ноември. 

ЕЕАС информира додава дека тие разговарале и за „влошената ситуација на теренот, во која годинава имаше невиден број на палестински и израелски жртви“, при што Борел ја потенцирал потребата Израелците и Палестинците да работат заедно за ставање крај на тероризмот и поттикнувањето на насилство и да запрат едностраните чекори кои дополнително ги поткопуваат шансите за мировно решение. 

Во соопштението се додава дека во рамки на напорите за заживување на блискоисточниот мировен процес, Борел на почетокот на декември ќе ги посети Израел и палестинските автономни територии.