Српските тинејџери го освоија Кан: Овации за филмот „Изгубена земја“ кој се снимаше во училиштето „Владислав Рибникар“ (фото)

Филмот „Изгубена земја“ на сценаристот и режисер Владимир Перишиќ вечерва беше премиерно прикажан на Канскиот фестивал. Стоечките овации за тимот, предводени од децата актери Јован Гиниќ, Миодраг Јовановиќ и Јасна Ѓуричиќ траеја повеќе од пет минути.

Филмот е дел од фестивалската програма „Недела на критиката“ и единствен српски филм во официјална конкуренција. Српската кинематографија последен пат имаше свој претставник во Кан во 2018 година, кога „Терет“ во режија на Огњен Главовиќ беше прикажан во програмата „Петнаесет дена на автори“.

„Изгубена земја“ се снимаше во белградското училиште „Владислав Рибникар“, каде што се случи масакрот на 3 мај. Режисерот Владимир Перишиќ изјави дека во филмот се појавуваат некои ученици од тоа училиште и дека чуварот Драган Влаховиќ, една од жртвите бил голема помош на екипата за време на снимањето.

Филмот ја раскажува приказната за петнаесетгодишно момче кое во Белград во 1996 година, за време на студентските демонстрации против режимот на Милошевиќ, поминува низ сопствената револуција и се соочува со фактот дека неговата мајка е соучесник на корумпираната влада. Главните улоги ги толкуваат Душан Валентиќ, Борис Исаковиќ, Лазар Коциќ, Ана Симеуновиќ, Марија Шкаричиќ, Павле Чемерикиќ…

За „Неделата на критиката“ селекторите избраа 11 од 1000 пријавени филмови, од кои седум се во конкуренција за награди.Меѓу конкурентите е и „Изгубена земја“. Покрај филмот на Перишиќ, во натпреварувачката селекција се и делата „Дожд паѓа во куќата“ од Палома Сермон-Даи (Белгија), „Син Иншалах“ од Амјад Ал Рашид (Јордан), „Сонот“ од Џејсон Ју (Северна Кореја), „Моќната уличка“ од Лила Хеле (Бразил), „Занесот“ од Ајрис Калтенбек (Франција) и „Тигарски обрасци“ од Аманда Бел Иу (Малезија).

Ова е четврти пат Владимир Перишиќ да учествува во Кан. Во 2009 година, неговиот дебитантски филм „Обични луѓе“ се натпреваруваше во „Неделата на критиката“, а неговиот краток филм „Заспано око“ од 2003 година беше прикажан во селекцијата „Кинофондација“, додека „Нашите сенки“ беше дел од омнибус „Мостовите на Сараево“ од 2014 година, прикажан како дел од специјални проекции.