Стано: Средбата меѓу Србија и Косово за динарот неизвесна, ЕУ подготвена да помогне

– Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано ја повтори подготвеноста на Брисел да им помогне на Србија и Косово да најдат решение за проблемот со динарот, по одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) да ја укине од оптек српската валута на територијата на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Стано не можеше да потврди дали ќе има средба следната недела, согласно поканата што специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак ја испрати до Приштина и Белград.

-Сега се надеваме дека двете страни ќе се согласат да одржат состанок и да го решат проблемот, кој беше предизвикан од многу несреќна и неконсултирана одлука на едната страна која влијаеше на другата страна. Ова е нашата улога како олеснувач. Ние само се обидуваме да помогнеме страните да најдат решение, рече портпаролот на Брисел на прес-конференција.

Тој нагласи дека ЕУ не коментира се што прави, туку само се обидува да им помогне на страните да најдат решение.

-Мислам дека треба да се вратиме на вообичаената практика да не се води логистичка дискусија за одржување работен состанок или состанок на работно ниво преку медиумите и преку јавниот домен и нашите прес-конференции, рече Стано.

Европскиот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак упати покана за средба на која ќе се разговара за динарот на Косово на 27 февруари.

Главниот преговарач на Косово, Бесник Бислими, на 21 февруари рече дека ја одбил поканата на Лајчак, тврдејќи дека тоа не е состанок на кој главниот преговарач морал да оди бидејќи, според него, „прашањето за динарот не е дел од дијалог“.

Но, портпаролот Стано објасни дека поканата е испратена до главните градови на Косово и Србија, но дека не е прецизирано кој треба да го претставува Косово или Србија на таа средба, бидејќи тоа, според него, им е оставено на страните.