Стапката на успех во лекувањето на канцерот надмина 80 отсто

„Постои транзиција од хемиско [третирање] кон биотехнологија, имунологија, имунолошки систем, клеточни терапии“, изјави доктор Алтунташ, основач на Здружението на пациенти со леукемија

Благодарение на најновите методи во лекувањето на канцерот, стапката на успех надминала 80 отсто, вели турскиот доктор Февзи Алтунташ, основач на Здружението на пациенти со леукемија со седиште во Анкара.

Алтунташ истакна дека начините на лекување на канцер се променети:

„Постои транзиција од хемиско [третирање] кон биотехнологија, имунологија, имунолошки систем, клеточни терапии.“

„Најважен извор на овој развој [во лекувањето] се клиничките истражувања“, посочи Алтунташ, кој е и главен лекар во Болницата за обука и онколошки истражувања во Анкара.

„Земајќи ги предвид последните 30 години во лекувањето на канцерот, стапката на успех беше околу 40 отсто, а сега надмина 80 отсто“, истакна тој.

Најважна причина за успехот во стапката на излекување на канцерот е учеството во клиничките испитувања, рече тој, додавајќи дека „клиничките испитувања го продолжуваат животот кај болните од канцер“.

„Пристапот до иновативни видови лекување е шанса за пациентите“, истакна Алтунташ и нагласи дека пациентите не треба да се доживуваат преку овие третмани како „експериментален предмет“.

„Исклучително е важно пациентите што примаат стандардни третмани да учествуваат во такви клинички испитувања и да ги поддржат“, рече тој.

Алтунташ им порача на турските новинари од сферата на здравството во главниот град Анкара да ја одбележат Националната недела за борба против ракот од 1 до 7 април.

Посочувајќи дека оваа прилика е важна од аспект на подигнувањето на свеста на општеството во однос на канцерот, Алтунташ рече дека, според светската статистика за канцер од 2020 година, годишно се регистрираат речиси 20 милиони нови случаи на канцер, а годишно од канцер умираат 10 милиони луѓе.

Објаснувајќи дека смртните случаи од канцер се очекува да се зголемат до 2030 година, Алтунташ истакна дека новите методи на лекување носат многу сериозен развој, особено кај одредени видови канцер.

„На пример, смртните случаи од канцер на грлото на матката се намалени за околу 65 отсто“, рече тој. „Смртните случаи поради канцер на лимфните јазли и леукемии, исто така, значително се намалија.“

Според Алтунташ, додека бројот на заболени од канцер расте, смртните случаи поврзани со него се намалуваат во споредба со претходните периоди.