Граѓаните од денеска можат да запишуваат граѓански обврзници – нов финансиски инструмент на домашниот пазар. Министерството за финансии го објави проспектот за првата аукција на вакви обврзници, на износ од 600 милиони денари. Минималната сума која може да се запише е 10.000 денари. Купонската камата ќе изнесува пет проценти, а рочноста е две години.
-Новиот финансиски инструмент на пазарот носи бројни придобивки, како за граѓаните, така и за економијата во целина. Средствата кои ќе се мобилизираат преку аукцијата на граѓанските обврзници, ќе се искористат за буџетски потреби – за тековни потреби и за развојни цели и инвестиции во трајни добра, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Граѓанската обврзница, потенцираше премиерот, е со исклучително поволна каматна стапка од пет проценти на граѓаните ќе им донесе навистина солиден принос, ќе ги заштити нивните средства од инфлаторните движења а воедно ќе инвестираат во најсигурниот финансиски инструмент кој постои на пазарот.
Со издавањето на новиот финансиски инструмент, посочи, се збогатува финансискиот и пазарот на капитал во нашата земја, со што се поттикнуваат инвестициите и се дејствува кон финансиската одржливост бидејќи се креираат диверзифицирани извори за финансирање на потребите. Исклучително важна макрофинансика придобивка е и мобилизација на готовината со која располагаат граѓаните. Намалувањето на готовината во оптек е суштински чекор во борбата против сивата економија, рече Ковачевски.
Министерот Бесими, посочи дека ова е нов момент за финансиите во државава, бидејќи овој инструмент содржи неколку аспекти во развојот на финансискиот пазар, односно, како што рече, граѓаните првпат ќе имаат можност директно да купуваат обврзници односно да инвестираат во проекти за развој на државата а притоа тие инвестиции да им се безбедни и да носат повеќе приноси.
-Ова е уште една можност особено во период кога се соочуваме со стапки на инфлација кои биле и двоцифрени а за кои очекуваме просекот во текот на годината да се намали, да се заштити заштедата на државата, особено на оние што имаат надвор од банкарскиот сектор да можат преку постојните закони да ги вложат во државни обврзници, оцени Бесими.
Како што појасни, граѓаните во која било банка можат да достават барање за учество на аукцијата и да извршат уплата на паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници до 12 јули, а следниот ден ќе се одржи аукцијата кога точно ќе се знае интересот. По одржување на аукцијата, обврзницата ќе биде запишана на нивно име и секој граѓанин ќе знае дека поседува обврзница на државата.
-Износот на една обврзница е 10.000 денари. Каматната стапка е пет проценти, а рокот на доспевање две години. Тоа значи дека ако граѓанин инвестира во 10 обврзници односно 100.000 денари, на рокот на доспевање на 27 2024 година ќе добие 5.000 денари, наредната година уште 5.000 денари или вкупно 10.000 денари на инвестицијата. Другата предност е тоа што граѓаните ќе имаат можност доколку имаат потреба во тие две години да ги продадат, а придобивката е и во насока на борбата против сивата економија, наведе Бесими.
Според него, целта на издавање на овој инструмент не е потребата од наоѓање дополнителни средства за Буџетот.
-Педесет милиони евра колку е предвидено со оваа обврзница за финансирање на Буџетот не претставува апсолутно никаков проблем од еден инвеститор, денес веќе имаме и банки не само издадени обвзрници туку и заеми за да можеме да го обезбедиме финансирањето, рече Бесими на новинарско прашање.
Граѓанската обврзница, најави Бесими, е првиот од неколкуте планирани нови финансиски инструменти, развојни обврзници кои треба да го поттикнат финансирањето на развојните проекти во земјата, а ќе бидат наменети за банките, пензиските фондови и други институционални и правни инвеститори, но и за физички лица. Ќе се издаваат и зелени обврзници за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти, како и проектни обврзници како алтернативен начин за финансирање проекти поврзани со инфраструктура, со кои институционалните инвеститори ќе можат да учествуваат во инфраструктурни проекти преку котирани хартии од вредност што можат да се тргуваат, а воедно можат да понудат супериорни приноси прилагодени на ризикот.