Претседателот на државата, Стево Пендаровски, утре и задутре ќе учествува на 54. Годишен состанок на Светскиот економски форум насловен „Обнова на довербата“ што се одржува во Давос, Швајцарија.

Како што информира Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, претседателот на државата предвидено е да учествува на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, на неформалниот собир на светски економски лидери „Враќање на вербата во глобалниот систем“ и на официјалната вечера „Градење на Европа на утрешнината“.
На годинашниот состанок на Светскиот економски форум во Давос е предвидено учество на над 100 претседатели на држави и влади, претставници на водечките меѓународни организации, како и претставници на граѓанското општество, експерти, младински претставници, социјални претприемачи и медиумски куќи.