Стејт департментот за Босна и Херцеговина: Екстремизмот и национализмот се главните безбедносни закани

Насилната екстремистичка идеологија и регионалните националистички групи се главниот извор на потенцијална терористичка закана за Босна и Херцеговина, се наведува во редовниот извештај на американскиот Стејт департмент за тероризмот во светот, објавен денеска.

Во документот, кој се базира на анализи за 2021 година, се наведува дека таа година била одбележана со тешка политичка криза во Босна и Херцеговина, а како главни причинители за ваквата состојба биле посочени „етнонационалистичките политички лидери“, со констатација дека до тоа довеле со својата реторика за етнички поделби која е без преседан.

Во извештајот се предупредува и дека поради политичката криза предизвикана од сецесионистичката реторика на лидерите од Република Српска и нивното попречување на работата на владините органи на државно ниво, како и поради нефункционалноста на Федерацијата БиХ поради затегнатите односи меѓу Хрватите и Бошњаците со цел да се постигнат „тесни политички интереси“, во земјата е ограничен и е постигнат мал напредок во правните и регулаторните реформи важни за борбата против тероризмот.

Тоа, пак, директно го загрозува ефективно спротивставување на потенцијалните терористички закани. Оттука, во извештајот на Стејт департментот се посочува на слабата соработка на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) со Обвинителството на БиХ, за кое наведува дека не воспоставила ефективни истраги во случаите на сомневање за финансирање терористички активности.

Иако во текот на 2021 година во Босна и Херцеговина немаше инциденти кои би можеле да се поврзат со тероризам, американската администрација е на мислење дека сè уште е неопходно да се реши проблемот на граѓаните на Босна и Херцеговина кои претходно отишле да се борат во Сирија или Ирак и чии членови на семејството сè уште живеат таму.