Стивен Кинг: Американците се зависни од оружјето, го сакаат и спремни се да ја платат цената за тоа во крв

– Познатиот американски писател Стивен Кинг даде песимистичка оценка за еден од најголемите проблеми на современото американско општество – оруженото насилство и масовните пукања, укажувајќи дека е речиси невозможно решавањето на тој проблем.

Од напади на вооружени лица и масовни пукања во САД годишно гинат десетици илјади луѓе.

Во краток есеј за весникот Њујорк Тајмс поради тоа што „малку што може да се пишува“ на оваа тема, Кинг вели дека во САД нема решение за проблемот со оружјето и дијагностицира: Американците се зависни од оружје.

Последниот инцидент со масовно пукање се случи во Луистон, во сојузната држава Мејн, недалеку од постојаното место на живеење на писателот, каде вооружен напаѓач отвори оган во куглана и бар полни со посетители при што загинаа 18 лица.

-Џаред Голден претставник (во Конгресот) од Вториот конгресен дистрикт на Мејн, се предомисли и кажува дека сега ќе подржи забрана на армиски полуавтоматски пушки како онаа употребена во убиството на 18 луѓе во Луистон неделава. Но ниту Претставничкиот дом ниту Сенатот најверојатно нема да одобрат таков закон, и ако Конгресот всушност го стори тоа, Врховниот суд таков каков што е сега многу веројатно ќе пресуди дека е неуставен, пишува Кинг.

-Секое масовно пукање е удар по стомакот; при секое едно луѓето без имагинација велат „никогаш не замислував дека може да се случи овде“, но такви работи можат и ќе се случуваат каде и да било и насекаде во оваа „lock-and-load“ земја (заклучи и наполни, воена команда за спремање на рачното оружје). Оружјето е достапно, целите се меки, вели Кинг.

Тој смета дека работите може да се подобрат ако пристапот до брзострелните пушки стане тежок, но не гледа такво подобрување за во иднина.

-Американците сакаат оружје и изгледа се спремни да ја платат цената во крв.

Според државните Центри за контрола на заболувањата во 2021 година во САД од употреба на оружје починале 48.630 лица, од кои 26.328 се случаи на самоубиство, а 20.958 се случаи на убиство, пренесе Би-Би-Си. Таа година во земјата се случиле 690 масовни пукања. Во 2023 година досега во САД се случиле 565 масовни пукања.