– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека на самитот на НАТО што ќе се одржи во Вилнус, главниот град на Литванија, сојузниците ќе прифатат долгорочен пакет помош што ќе ја подигне Украина до стандардите на НАТО.
Столтенберг за германскиот весник „Тагесшпигел“ изјави: „За време на самитот сојузниците ќе прифатат долгорочен пакет помош што ќе ја подигне Украина до стандардите на НАТО. Со наша помош, украинската војска ќе премине од поранешен советски стил на војска, во модерна сила која работи според стандардите на НАТО.“
Нагласувајќи дека во тој контекст ќе се интензивираат и политичките односи со Украина, Столтенберг изрази надеж дека земјите од НАТО ќе се обврзат да продолжат да ѝ даваат сеопфатна воена поддршка за Украина.
– Не треба да се биде зависен од Кина во области како што се клучните суровини –
Посочувајќи дека Кина нема непријатели, Столтенберг рече дека потребно е да се продолжи да се тргува со Кина.
„Само предупредувам дека не треба да станеме зависни во одредени области, како што се клучните суровини. Тоа е во врска со управувањето со ризици. Верувам дека и канцеларот Олаф Шолц и германската индустрија ќе го сторат тоа“, истакна Столтенберг.
Истакнувајќи дека ја поздравува јасната посветеност на Германија кон НАТО за постигнување на целите во врска со одбранбените трошоци и способност, Столтенберг рече: „Потребни ни се повисоки трошоци за одбраната бидејќи живееме во поопасен свет. Важно е да не се започне војна, туку да се спречи војна со одвраќање. Не сакаме никој ниту да помисли да нѐ нападне“, рече тој.
Столтенберг за самитот во Вилнус рече дека очекува сојузниците да се договорат за повисоки трошоци за одбраната и истакна дека 2 отсто од бруто-домашниот производ за трошоците за одбрана повеќе нема да бидат горната граница за трошоците за одбрана, туку минималната граница.
– Путин посакува поинаков свет во кој моќните нации одлучуваат за иднината на малите држави –
Нагласувајќи дека сите посакуваат да заврши војната меѓу Украина и Русија, Столтенберг рече: „НАТО вложи големи напори да го спречи започнувањето на војната. Верувавме во дипломатијата до самиот крај, но набрзо стана јасно дека Владимир Путин (рускиот претседател) многу одамна се одлучил за нелегитимна офанзивна војна. Тој посакува поинаков свет во кој моќните нации одлучуваат за иднината на малите држави. Тој посакува Европа во која Русија ќе може да им командува на своите соседи.“
Столтенберг посочи дека сите сојузници се согласни Украина еден ден да стане членка на НАТО: „Согласни се и дека за членството на Украина ќе одлучуваат земјите членки на НАТО, а не Владимир Путин. Сите знаат дека Украина мора да победи во оваа војна, бидејќи во спротивно, нема да има независна земја која би му се приклучила на НАТО.“
– Процесот за членство на Шведска во НАТО –
Осврнувајќи се на процесот за членство на Шведска во НАТО, Столтенберг рече:
„Прилично е веројатно Шведска да седне на масата во Вилнус. Сепак, сè уште постојат неизвесности. Претседателот Ердоган, со кого неодамна разговарав за ова, го признава напредокот што го постигнал Стокхолм во однос на барањата на Туркије во борбата против тероризмот, но тој сепак, посакува во практика да бидат спроведени повеќе нешта од она што пред една година го договоривме со Финска и Шведска, кога беа поканети да се приклучиме на НАТО.“
Тврдејќи дека Шведска дефинитивно ќе стане членка на НАТО, Столтенберг истакна:
„Веднаш по поканата за членство, почна да се работи на интегрирање на Шведска во политичките и воените структури на НАТО. Многу земји, меѓу кои и Германија, дадоа двострана безбедносна гаранција за преодната фаза. Затоа, незамисливо е Шведска да биде нападната, а НАТО да не реагира на тоа. Од интерес на сите земји членки е што е можно поскоро да се направи последниот официјален чекор за зајакнување на нашето северно крило.“