Столтенберг: Единаесет земји на НАТО ја остварија целта за одвојување на два отсто од БДП за одбраната
Досега 11 членки на НАТО ја остварија или се пред остварување на целата за одвојување на два проценти од својот БДП за потребите на одбраната и очекувам тој број да почне да расте од следната година, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во воведното обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет, во рамки на дводневниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата што се одржува во Брисел.
– Во денешниот се покомпетитивен и поконкурентен свет, нема сомнеж дека НАТО е подготвен и способен да го одбрани секој сојузник, порача Столтенберг.
Тој додаде дека денешна дискусија на Северноатлантскиот совет ќе биде фокусирана на постојаните напори на Алијансата за зајакнување на одвраќањето и одбраната, согласно одлуките од Самитот на НАТО во јули во Вилнус.
– На Самитот во јули презедовме натамошни чекори за засилување на нашата одбрана, вклучително и со нови и поамбициозни регионални планови за одбрана на Европа, истакна Столтенберг.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според најавите, главни теми на Северноатлантскиот совет, што се одржува на ниво на министри за одбрана на членките на НАТО или нивни претставници, ќе бидат плановите за зајакнување на одвраќањето и одбраната и за мисиите и операциите на Алијансата, штетата предизвикана на критичната подводна инфраструктура во Балтичкото Море, како и ситуацијата на Блискиот Исток.
Во првиот дел од состанокот преку видеоконференциска врска ќе учествува и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кој ќе ги информира своите колеги од НАТО за најновиот развој на настаните во конфликтот меѓу Израел и исламистичкото движење Хамас.
На заседанието на Советот ќе присуствуваат и шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон, чија земја е во процес на зачленување во НАТО, како и заменик генералниот секретар за мир, безбедност и одбрана на Европската служба за надворешни работи, Шарл Фрајс.