– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека нема планови за упатување официјална покана до Украина да се вклучи во НАТО кога сојузниците ќе се сретнат на нивниот следен Самит во јули.
„Не разговараме за прашањето за формална покана. Она за што разговараме е како да ја приближиме Украина до НАТО и има тековни консултации“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин.
„Самитот во Вилнус во јули ќе постави визија за иднината на Украина како независен демократски член на евроатлантското семејство“, рече тој.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изврши притисок за јасна одлука за патот на Украина за пристапување во НАТО на Самитот следниот месец, во спротивно, тој не гледа смисла да присуствува на него.
Столтенберг истакна дека сојузниците повторно ќе ја повторат својата силна поддршка за Украина во нејзината војна против Русија.
Во меѓувреме, германскиот канцелар Шолц повторно подвлече дека „НАТО нема да стане страна“ во војната во Украина, која избувна минатата година во февруари.
„Треба да бидеме подготвени дека руската војна на агресија може да потрае долго време. Се подготвуваме за тоа и соодветно ги приспособивме нашите политики. Германија ќе ја поддржува Украина сѐ додека тоа е потребно“, рече Шолц.
Разговорите на Столтенберг и Шолц во Берлин се фокусираа на подготовките за Самитот на НАТО во Вилнус.