НАТО внимателно следи што прави Русија на Западен Балкан, рече генералниот секретар Столтенберг, но додаде дека не гледа воена закана од Русија за која било членка на НАТО или за регионот. Тој денеска се сретна со шефот на државата во Скопје, а одржа говор и пред пратениците во Собранието, јавува Телеграф Македонија.
Стотенберг побара од пратениците да работат за членство во ЕУ како што работеа за НАТО.
Нема закана за безбедноста и стабилноста на Македонија и на регионот од Русија, се согласија премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција во Скопје.
Столтенберг не гледа воена закана од Русија за која било членка на НАТО или за регионот. Тој и порача на Русија од Скопје да се воздржи од агресивни дејствија против соседите и да престане со воената агресија врз Украина.
„Остануваме претпазливи, внимателно следиме што прави Русија и ќе останеме обединети. Имаме воено присуство во овој регион, со КФОР, со Генералштабот во Сараево и со канцеларии во Белград, и подготвени сме брзо да се зголемиме и да направиме се што е потребно за да го заштитиме секој сојузник од каква било закана, но не набљудуваме секаква закана што ќе дојде против кој било сојузник на НАТО“, рече Столтенберг.
Премиерот Ковачевски вели дека земјава заедно со НАТО се бори против руското влијание во регионот и институциите си ја вршат работата.