Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата треба да биде подготвена за лоши вести од Украина.
„Треба да бидеме подготвени и за лоши вести. Војните се развиваат во фази. Но, мораме да ја поддржиме Украина и во добри и во лоши времиња“, изјави Столтенберг за германската телевизија АРД.
Тој оцени дека е клучно да се зголеми производството на муниција и призна дека земјите од НАТО не се во можност да одговорат на зголемената побарувачка за неа.
Столтенберг рече дека Украина сега е во „критична ситуација“, но одби да препорача што треба да направи Киев.
„Ќе оставам на Украинците и на воените команданти да донесат тешки оперативни одлуки“, изјави генералниот секретар на Алијансата.
Тој укажа и на потребата Европа да се занимава со прашањето за „фрагментација на европската одбранбена индустрија“, бидејќи тоа е во интерес на Европа и е добро за работните места во оваа индустрија, пренесе ТАСС.
„Војните се инхерентно непредвидливи. Но, знаеме дека колку повеќе ја поддржуваме Украина, толку побрзо ќе заврши војната“, заклучи Столтенберг.