Тоа што Украина опстои како суверена, независна и демократска нација претставува големо достигнување и голема победа и колку што таа напредува, толку Русија заостанува и сега е политички, воено и економски послаба, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на Советот НАТО-Украина во рамки на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел.
– Минатата година Украина ги доби битките за Киев, Харков и Херсон. Годинава продолжува да и нанесува големи загуби на Русија. Украина повторно зазеде 50 отсто од територијата што Русија првично ја освои. Во Црното Море, Украинците ја потиснаа руската флота и воспоставија рути за извоз на жито со што ја зајакнаа глобалната безбедност на храната, истакна Столтенберг.
Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Русија го губи своето политичко влијание не само во Украина, туку и во реонот на Кавказ и во Централна Азија и станува многу позависна од Кина.
– Од година во година Москва својата иднина ја става под хипотека на Пекинг. Воено, Русија загуби значителен дел од своите конвенционални сили – стотици авиони, илјадници тенкови и повеќе од 300.000 жртви. Економски, Русија е исто така под притисок. Приходите од нафта и гас се намалуваат, руските банкарски средства се под санкции, над 1.000 странски компании го прекинаа или намалија своето работење во земјата и 1,3 милиони луѓе ја напуштија Русија минатата година, изјави Столтенберг.
Тој потенцира дека сите овие последици укажуваат на стратешката грешка што ја направил рускиот претседател Владимир Путин со инвазијата на Украина.
– Но, во исто време, не смееме да ја потцениме Русија. Руската економија се базира на воена основа. Путин има висока толеранција за жртви и руските цели во Украина не се променети. Русија подготвува големи ракетни резерви пред зимата. Гледаме и нови обиди за напад на електричната мрежа и енергетската инфраструктура на Украина, со цел да ја остават Украина во мрак и студ, додаде Столтенберг.
Тој нагласи дека на денешниот состанок на Советот НАТО-Украина, прв на ниво на министри за надворешни работи, е одобрена „амбициозна програма за работа“ за следната година, која вклучува енергетска безбедност, иновации и интероперабилност.
– Сега го трансформираме сеопфатниот Пакет за помош на НАТО во Повеќегодишна програма за помош. И помагаме на Украина да премине од опрема и стандарди од советско време кон оние на НАТО и да ги направи своите сили целосно интероперабилни со нашите, рече Столтенберг,
Тој додаде дека на средбата се разговарало и за „патот на Украина кон членство“ во НАТО.
– Сега дадовме препораки за приоритетните реформи на Украина, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и поддршка на човековите права и правата на малцинствата. Украина е поблиску до НАТО од кога било досега. Ќе продолжиме да ја поддржуваме на патот кон членство и ќе продолжиме да ја поддржуваме борбата на Украина за слобода, заклучи Столтенберг.
Во заедничката изјава од денешното заседание на Советот НАТО-Украина се наведува дека сојузниците остануваат цврсто посветени на својата заложба за понатамошна засилена политичка и практична поддршка за Украина, додека таа продолжува да ја брани својата независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на нејзините меѓународно признати граници, и ќе ја продолжат својата поддршка онолку долго колку што е потребно, бидејќи силна и независна Украина е од витално значење за стабилноста на евроатлантската област.
– Министрите направија преглед на спроведувањето на проширениот пакет на политичка и практична поддршка за Украина, договорен на Самитот во Вилнус. Министрите ја одобрија потструктурата на Советот НАТО-Украина и амбициозната програма за работа за 2024 година. Во овој контекст, НАТО и Украина веќе работат и носат одлуки заедно, како еднакви, за широк спектар на прашања, вклучувајќи интероперабилност, енергетска безбедност, иновации, кибер одбрана и отпорност, се вели во изјавата.
Во документот се нагласува дека во рамки на итно потребната помош на Украина, донесена е одлука за трансформирање на Сеопфатниот пакет за помош во Повеќегодишна програма за помош во обновата на украинскиот безбедносен и одбранбен сектор и за поддршка на зајакнување на одбраната на Украина на долг рок.
– Како дел од овие напори, развиваме патоказ за транзицијата на Украина кон целосна интероперабилност со НАТО. Ние, исто така, развиваме нови проекти за хуманитарно деминирање, медицинска рехабилитација за ранетите украински војници и одбранбениот индустриски капацитет на Украина врз основа на стратешкиот преглед на одбранбените набавки, се наведува во изјавата.
Во текстот се посочува и дека Украина ја потврдила својата посветеност на континуираните реформи во демократскиот и безбедносниот сектор, а земјите членки му дале на Киев препораки за приоритетни реформи.
– Советот НАТО-Украина ја поздравува презентацијата на адаптираната Годишна национална програма на Украина за 2024 година и се радува на нејзиното спроведување. Министрите за надворешни работи на НАТО редовно ќе го оценуваат напредокот преку адаптираната Годишна национална програма. Алијансата ќе ја поддржи Украина во спроведувањето на овие реформи на нејзиниот пат кон идното членство во НАТО, се заклучува во изјавата.