Столтенберг ја започна балканската турнеја: Сараево, Приштина, Белград, а утре во Скопје

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ќе го посети Косово, каде што ќе се сретне со претседателката на државата, Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти.

Според официјалната програма, Столтенберг ќе го посети и кампот „Нотинг хил“, на Мировната мисија на НАТО – КФОР, каде што ќе се сретне со командантот генерал Озкан Улуташ и ќе им се обрати на војниците, а ќе се сретне и со директорот на Советодавниот и тим за врски на НАТО, бригадниот генерал Хамерштајн.

Столтенберг претходно го посети Сараево, со што ја започна својата балканска турнеја. Тој денеска по посетата на Приштина, ќе замине за Белград каде ќе се сретне со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.

Утре попладне во Скопје се најавени средби со претседателот Стево Пендаровски и со собранискиот спикер Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во парламентот.

Вториот ден од посетата на земјава шефот на НАТО ќе го започне со билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе учествува на неформалниот состанок на лидери на НАТО-сојузници од регионот, чиј домаќин е Македонија.