Бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести – кампања „Грижи се за себе“

Од денеска до 26 ноември ќе се прават бесплатни тестирања на Клиниката за инфективни болести за ХИВ и други сексуално преносливи болести во рамки на кампањата „Грижи се за себе“. Кампањата, пак, е во рамки на Европската недела на тестирање и месецот на машкото здравје, а во организација на Клиниката за инфективни болести и невладината ХЕРА.

На Клиниката за инфективни болести во 2023 година се откриени 46 лица позитивни на ХИВ, од кои 41 се на редовен антиретровирусен третман. Една третина од нив се откриени во доцна фаза од болеста. Секое трето лице што живее со ХИВ не го знае својот ХИВ-статус, зашто луѓето не се тестираат од различни причини. Затоа, целта на кампањата е да се поттикнат и охрабрат мажи и момчиња ако се во ризик или превентивно да се тестираат на ХИВ, без разлика на која популациска група припаѓаат.

Доктор Велимир Савески од Инфективната клиника рече дека повеќето од новооткриените ХИВ-позитивни во оваа година се мажи и дека, за разлика од други години каде што најчесто биле мажи кои имаат сексуални односи со мажи, оваа година првпат има тренд на ХИВ-инфекција и кај хетеросексуалната популација.

Д-р Савески и Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА, Асоцијација за здравствена едукација и истражување, апелираа да се подигне јавната свест и да се надмине табуто за тестирањето за сексуално преносливи болести нагласувајќи дека превенцијата е најдобра и најевтина алатка.

На Инфективната клиника тестирањето за ХИВ може да се направи доверливо, рече тој, и секој може да дојде и да се тестира анонимно. Во ХИВ-амбулантата на Инфективна за пациентите има и психолог и социјален работник.

Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА, посочи дека во нивните младински центри „Сакам да знам“ веќе 17 години е овозможено тестирање за ХИВ и за различни сексуално преносливи болести. Во центрите се нудат и бесплатни кондоми, контрацепција и брзи бесплатни тестови за ХИВ, а во пакетот услуги што е овозможено во нареднава седмица е бесплатно тестирање и за сифилис, гонореја и кламидија. Препорачливо е претходно да се закаже на телефонскиот број: 3176-950.