Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Јапонија ја истакна важноста на блиската соработка на НАТО со партнерите во индо-пацифичкиот регион, велејќи дека Европа не може да го игнорира она што се случува во Источна Азија, бидејќи државите се меѓусебно зависни кога станува збор за безбедноста.
– Соработката со партнерите во светот, особено во индо-пацифичкиот регион, е дел од одговорот на поопасен и понепредвидлив свет, рече Столтенберг на состанокот организиран од Универзитетот Кеио.
– Војната во Украина докажува колку е меѓузависна безбедноста. Докажува дека она што се случува во Европа има последици за Источна Азија, а она што се случува во Источна Азија е важно за Европа, рече тој, додавајќи дека „идејата дека Кина не е важна за НАТО не е точна“.
Столтенберг ова го изјави како дел од посетата на Јапонија, за време на која вети дека ќе ги зајакне односите со Токио во сè потензичната безбедносна средина предизвикана од руската инвазија на Украина и зајакнувањето на воената соработка меѓу Русија и Кина.
– Иако Кина не е противник, рече тој, таа станува „сè повеќе авторитарна сила“ која се однесува наметливо, му се заканува на Тајван и развива воени капацитети кои би можеле да допрат до земјите-членки на НАТО.
– Ние сме повеќе од подготвени дополнително да го зајакнеме и прошириме нашето партнерство со земјите од овој регион, додаде тој.
Кина ги отфрли тврдењата на Столтенберг, велејќи дека секогаш ги брани мирот и стабилноста.
Пред посетата на Јапонија, Столтенберг ја посети Јужна Кореја, која ја повика да ја зголеми воената помош за Украина.