Сточарите најавуваат зголемување на цената на домашното сирење

 Сточарите кои произведуваат домашно сирење без додатоци во своите млекарници на бачилата најавуваат дека цената ќе ја зголемат за околу 30 прценти. Група сточари од Брегалничкиот регион велат дека корекцијата на цената во нагорна линија ќе ја направат деновиве или до 1 септември.

Домашното сирење во моментот го продаваат по цена од 500  денари за килограм, а со најавеното зголемување се очекува максималната цена да достигне и до 700 денари за килограм. Причините за најавеното зголемување е што немаат работници, потоа климатските промени, а сирењето, како што наведуваат за МИА, го прават сто проценти природно без додатоци.

-Токмку од овие причини не е исплатливо да се произведува сирење и млечни производи во домашни услови, а резултатите што ги гледаме на терен се: младите не сакаат да работат и да продолжат со сточарството. Затоа се продаваат цели стади на овци, велат овие сточари од Брегалничкиот регион.

Посочуваат дека ако пред пет години во Малешевијата, најголемиот сточарски регион во источна Македонија, биле евидентирани 16 000 овци, сега нивниот број е речиси преполовен или, според нив, изнесува над 8000 овци.

Тие упатија и апел до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се коригира рокот за чување на пријавените овци, од 1 декември на 1 октомври.