Стојаноски: Електра Солушн добива лиценца за надзор сред постапка за поднесување на понуди за тендерот тежок 22 милиони евра
Се повеќе индиции говорат дека тендерот од 22 милиони евра е местен од страна на власта за Конзорциумот во чиј состав е ЕПТИСА, која е претходно прогласена од истата влада дека работела незаконски, неетички и несоодветно.
Најновите документи кои дојдоа до нас говорат дека Електра Солушнс, на 30 годишниот Андон Ампов, која е составен дел од Конзорциумот која го добива тендерот од 22 милиони евра, добива лиценца за надзор во тек на постапката за избор на надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10д.
Ова е Лиценцата која Министерството за транспорт и врски и ја издава на Електра Солушн на ден 03.10.2022 година, што е 3 недели откако е распишан јавниот повик за избор на надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10д.
Овој документ говори дека во периодот кога јавниот повик бил распишан Електра Солушн немала лиценца за надзор и истата лиценцата ја добива на само 2 недели пред истекот на првичниот рок за доставување на понудите, кој бил на 17.10.2022 година, рок кој што на 10.10.2022 година е продолжен за нови 8 дена.
Дали Електра Солушн ја вади лиценцата со цел да учествува токму на јавниот повик за избор на надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10д? Дали рокот е продолжен за да може да се формира конзорциумот на ЕПТИСА и Електра Солушн? Дали со продолжување на рокот за поднесување на понуди власта им овозможува на Конзорциумот ЕПТИСА – Електра Солушн да достават понуди?
Со изборот на Конзорциумот ЕПТИСА – Електра Солушн, надзорот ќе го вршат фирма загубар, како ЕПТИСА и фирма која лиценцата за надзор ја добива во тек на огласот.
И не само што Електра Солушн добива лиценца во тек на постапката за поднесување на понуди, туку и истата, односно нејзиниот сопственик и управител Андон Ампов, се именувани да го претставуваат Конзорциумот.
30 годишниот Ампов од Електра Солушн, која добива лиценца во тек на постапка, и кои немаат никакво искуство во работење со проект од тој обем, е избран за претставник на Конзорциум кој треба да врши надзор од 22 милиони евра, врз инфраструктурни проекти од над 1 милијарда евра.
Очигледно е дека има многу прашања на кои Бочварски и Ковачевски мора да почнат да даваат одговори, а ЈО да почне истрага пред воопшто да почне проектот, и пред можеби да бидат нанесени штети врз проектот и буџетот.
Прес конференција на Бојан Стојаноски
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ