Страв и хорор во Париз: Запалена куќата на градоначалникот, насилници ја пробиле оградата, а потоа ги нападнале жената и децата (ВИДЕО)
Домот на Винсент Жанбрен, градоначалник на Лаи Лес Роуз во јужните предградија на Париз, беше нападнат среде ноќ за време на насилните протести поради убиството на тинејџер во француската престолнина.
Група напаѓачи со автомобил ја пробиле оградата, а потоа го запалиле возилото во кое во пластично шише е пронајден запалувачки агенс.
Државниот обвинител Стрефан Ардуин посочува дека целта на криминалната група била да ја запали куќата. Огнот го зафатил семејниот автомобил и дел од оградата. Нападот се случил околу 1:30 часот додека градоначалникот бил на должност во општинската зграда поради актуелните нереди. Дома биле неговата сопруга и нивните две деца на возраст од 5 и 7 години.
Преплашени од тоа што се случува побегнале преку задниот излез додека напаѓачите фрлале огин кон нив додека трчале. На една жена и’ е скршена ногата и таа е во болница, едно дете е полесно повредено, а сите заедно доживеале голем шок.
– Имаше обид за убиство против моето семејство – изјави Винсент.
Целата јавност, почнувајќи од државниот врв, го осуди овој грозоморен чин. Сè уште се трага по напаѓачите кои избегале.
Жестоки немири започнаа во саботата вечерта во Марсеј, што беше една од главните сцени на судири меѓу младинските групи и полицијата во последните денови.
Многу тензично беше и во Париз на Шанзелизе. Демонстрантите го закажале собирот преку социјалните мрежи, полицијата се обидела да ги спречи, но и овде на мета биле автомобилите, излозите и сè што им пречело на напаѓачите.
Немири, грабежи и пожари имаше и во други градови, Лион, Тулуз, Кампер…
Во Ним пукаа во полицијата. Во 13-тиот париски арондисман двајца полицајци се повредени од оловни „дијаболи“ испукани од воздушна пушка.
Во Анже беше претепан новинар. Уништена е и продавница за автомобили во Брест.
Немирите се проширија надвор од земјата, а судири имаше и во Лозана во соседна Швајцарија.
Сепак, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен истакна дека ноќта меѓу саботата и неделата била нешто помирна од претходната благодарение на одлучните акции на полицијата.
Судовите се преполни со барања за итно судење, што е овозможено со француското законодавство. Судиите ги скратија своите одмори и се очекува рочиште по сослушувањето.
Сепак, многу граѓани стравуваат дека најголемиот дел од уапсените ќе бидат ослободени поради недостиг на докази и комплицирани судски процедури.
Голем број земји, како што е Велика Британија, ги советуваа своите граѓани да избегнуваат делови од Франција погодени од немирите и да бидат претпазливи доколку патуваат во земјата.
Проблемот, сепак, е што е тешко да се одреди кои се најопасните делови на земјата, бидејќи гори на сите страни. Ниту најелитното население не беше поштедено. Никој не знае каде ќе се запали автомобил во текот на ноќта или ќе се запали пожар во супермаркет.
Претседателот на Советот на француските муслимани Мохамед Мусауи повика на итен прекин на неприфатливото насилство. Тој порача дека мирот мора да се врати за да се започне корисен и неопходен дијалог. Тој рече и дека некои полициски синдикати „долеваат масло на огнот“, но нагласи и дека тоа не важи за сите полицајци кои ги ризикуваат своите животи за доброто на сите. Тој ја повика државата да ја спречи социјалната неправда, за таа да не ескалира како во вакви ситуации.
Стотици гневни граѓани, да потсетиме, секоја вечер протестираат поради убиството на тинејџерот од алжирско и мароканско потекло Нахел М.(17), за што беше обвинет полицаец.
Нахел М, кој беше убиен од полицаец за време на рутинска сообраќајна контрола во вторникот, беше погребан во саботата на гробиштата Мон Валериен во Нантер во присуство на неговата мајка, баба и неколку стотици луѓе кои дојдоа да се простат од него.