„Ќе продолжиме да ја спроведуваме Владината програма“ Курти остар кон мерките на ЕУ – нема компромис

Премиерот на Косово, Албин Курти, денеска оцени дека казнените мерки на Европската унија против Приштина се „неправедни“ и рече дека „Косово ќе си ја заврши работата“, но со предупредување дека „не може да има компромис со правото на Владата или уставноста на земјата“.

Курти смета дека мерките се неправедни бидејќи, како што тврди, „Косово и неговата влада се најдемократска, најпроевропска и најнапредна земја“.

Тој исто така рече дека тоа не се санкции, туку „привремени мерки“ за кои се надева дека ќе траат што е можно пократко бидејќи, како што вели, „на Косово му е потребна поддршка во развојот“, пренесува Репортерс.

„Во секој случај, ние си ја работиме работата, но да не заборавиме дека не можеме да правиме компромиси со владеењето на правото или уставноста на нашата земја, па ќе продолжиме да ја спроведуваме нашата владина програма“, рече Курти.

Европската комисија ја информираше Приштина за мерките што ги презема поради непочитување на барањата на ЕУ во однос на неопходните чекори за деескалација на северот на Косово.

Од ЕУ за Радио Слободна Европа потврдија дека мерките за кои Приштина беше информирана на 28 јуни, подразбираат привремен прекин на работата на работните тела во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и дека Приштина нема да биде поканета на високото ниво на состаноци и ќе бидат прекинати посетите на странски претставници, а исто така беше суспендирана и од програмата од 7,5 милијарди евра финансирана од Европската Унија.