Стразбур: Османи се обрати пред Комитетот на министри на Советот на Европа

– Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денес во Стразбур се обрати пред Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ).

Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, на половина од Претседавањето со ОБСЕ, Османи ги претстави досегашните активности во својство на претседавач.

Како клучни, Османи ги издвои посетите на Украина, Молдавија, Јужен Кавказ, како и на Србија и Косово, потенцирајќи ја и континуираната работа на ОБСЕ во овие клучни региони за Организацијата.

„Живееме во период на демократско назадување и безбедносни предизвици поради руската воена агресија против Украина, која ги наруши принципите врз кои се втемелени нашите организации. Затоа, приоритет на нашето претседавање е да обезбедиме суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ. Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверената територија на Украина, ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за нејзино повоено закрепнување“, рече Османи.

Покрај планот за Украина, Османи се осврна и на другите долготрајни конфликти и нестабилност во регионот на ОБСЕ, за кои како претседавач презентираше патокази за постепено решавање што ќе доведе до долготрајна стабилност и мир.

„Во таа насока е и планот од 9 точки за деескалација на неодамнешните тензии во Косово што ќе обезбеди понатамошна нормализација“, нагласи Османи, потенцирајќи дека Претседателството во сите свои планови на прво место ги става луѓето и подобрувањето на нивниот секојдневен живот.

Како што рече Османи, ОБСЕ е вклучена во широк спектар на важни области за луѓето, а своите капацитети за регионот на Југоисточна Европа ги насочи на помирувањето, борбата против корупцијата и климатските промени.

Според него, и покрај предизвиците со кои се соочува Организацијата, таа ќе остане целосно посветена на своите приоритети.

„Функционална и флексибилна ОБСЕ која ќе помогне во обновувањето на мирот и безбедноста и ќе спречи идни конфликти во регионот на ОБСЕ. Промоција на безбедноста на луѓето преку поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка и промоција на човековите права, демократијата и владеењето на правото како предуслови за сеопфатна безбедност“, истакна Османи.

„Токму во овие приоритети се соединуваат активностите и на ОБСЕ и на Советот на Европа чија заемна работа е повеќе од кога било потребна и релевантна“, рече Османи.

„Низ годините и двете организации негуваат силна соработка за градење енергични и силни демократии“, се додава во соопштението.