Страотно невреме ја зафати Шпанија, има мртви: Момче спасено од река, се бара таткото (ВИДЕО)

Едно лице загина во Толедо, а друго се води како исчезнато во областа Мадрид, откако силно невреме придружено со обилни врнежи ја погоди Шпанија.

Еден човек загина во својот автомобил во Толедо, а друг човек се води како исчезнат откако возилото со кое патувал со неговото семејство паднало во реката Алберче во градот Алдеа дел Фресно во регионот на Мадрид.

Сообраќајот меѓу Мадрид и Андалузија, како и меѓу главниот град и Толедо е прекинат, објави „Ел Паис“.

Железничкиот сообраќај денеска беше во прекин на „медитеранскиот коридор“ меѓу Мадрид, Валенсија и Барселона.

Во Мадрид, Кастилја, Баскија и Риоха сè уште е во сила жолтиот метео аларм. Централниот и југоисточниот дел на Шпанија во неделата беа погодени од невреме, блокирајќи го сообраќајот на многу патишта, паѓајќи дрвја и поплавени куќи.

Момче спасено од река, се бара неговиот татко

Момчето кое исчезнало со татко му откако нивното возило паднало во реката, утрово околу 8 часот било спасено. Момчето, кое има помалку од 10 години, било пронајдено како седи на дрво, пренесува El Pais.

Спасувачките служби продолжуваат да трагаат по неговиот татко.

Во возилото биле мајката и сестрата, но синоќа биле спасени и пренесени во болница.