Страшна прогноза за Македонија – до крајот на 2023 година 500 илјади граѓани ќе живеат во умерена сиромаштија
До крајот на 2023 година околу 510 илјади граѓани ќе живеат во умерена сиромаштија, односно со помалку од 200 денари дневно, додека 69 илјади граѓани ќе живеат во крајна сиромаштија, со помалку од 60 денари, нагласи економистот Бранимир Јовановиќ по панел- дискусија на тема „Достоинствен живот или опстанок?“.
Јовановиќ ги презентираше наодите од студијата што ја направиле заедно со Здружението за одржлив и инклузивен развој, а која мери и проценува колку ќе се зголеми сиромаштијата во земјава како резултат на поскапувањето.
„Резултатите покажуваат дека, како резултат на оваа криза, екстремната сиромаштија ќе се зголеми за 12.000-28.000, што во однос на периодот пред кризата е зголемување помеѓу 20-50%, бидејќи пред кризата државата имаше околу 57 илјади луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија, сега ќе има плус 12 илјади до 28 илјади“.
„Што се однесува до умерената сиромаштија, бројките се уште поголеми, таа ќе се зголеми за 80.000 до 160.000 повеќе. Пред кризата оваа бројка беше околу 360, сега според последните податоци оваа бројка може да достигне и до 510.000“, изјави Бранимир Јовановиќ, економист.