Субвенционирана струја побарале уште 21 прехранбена компанија, 17 училишта и три комунални претпријатрија
За струја по фиксна субвенционирана цена до АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) се пријавиле уште 41 субјект, покажуваат податоците од последниот повикот што заврши на 20. минатиот месец. Новопријавени се 21 компанија од прехранбениот сектор, 17 основни и средни училишта и три јавно комунални претпријатија, информираше денеска Виктор Андонов, соработник за енергика во Владата.
Андонов на прес-конференција посочи дека не се пријавени уште 80-ина основни и средни училишта од вкупно 475 во државата и апелираше да се искористат можностите што ги нуди Владата.
Енергетскиот биланс за 1 февруари покажува дека вкупното домашно произвдоство на електрична енергија изнесува 19.172 мегават часови од кои 13.744 се од термоелектраните, а 5.428 од обновливи извори на енергија. Со ова производство, како што рече Андонов, целосно се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.
Минатиот месец вкупното домашно произвдоство на електрична енергија изнесувало 561.350 мегават часови електрична енергија, за 29 проценти повеќе во споредба со истиот месец лани кога било 434.189 мегават часови.