Актуелниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, судијата Иван Џолев денеска е избран за претседател на Здружението на судиите на Република Северна Македонија.
- Денеска на редовно изборно Собрание во присуство на делегати од судски подружници, Здружението на судиите на Република Северна Македонија го избра судијата Иван Џолев за нов претседател, соопшти попладнево Здружението на судиите.
Џолев доаѓа на местото на досегашниот претседател на Здружението на судиите, судијата Џемали Саити.
Мандатот на претседателот на Здружението на судиите е четири години.
На денешната седница, како што е наведено во соопштението, биле избрани и членовите на новиот Управен и Надзорен одбор на Здружението на судиите.