Судскиот Совет донесе одлука за избор на нов член на местото на Наќе Георгиев

Судскиот совет на денешната, 451 седница донесе одлука за распишување оглас за избор на еден член на Советот од редот на судиите на Врховен суд. Одлуката следува по оставката на врховниот судија Наќе Георгиев, кој се повлече од функцијата непосредно пред потпишувањето на свечената изјава во Собранието на Северна Македонија во вторникот.

Формирана е Комисија за подготовка на кандидатски листи на чело со судијата Мирсад Сурои.

Судскиот совет денеска утврди и престанок на судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија на судиите Славица Мирковска од Апелацискиот суд Битола, Насер Хаџи Ахметагиќ од Основниот суд Скопје и Драган Миноски од Основниот суд Кичево

Уважено беше и барањето за мирување на судиска функција на Вероника Жеваировска од Основниот граѓански суд Скопје поради патување на брачен другар на работа во дипломатско претставништво во Будимпешта во времетраење од три години.

На точката за разгледување на извештај од Комисијата за рангирање на кандидати за избор на судија во повисок суд беа усвоени кандидатските листи.

Советот денеска ги разгледа и усвои и извештаите од работните посети во основните судови во Струга и Дебар, додека, извештаите од посетите во Апелационен суд Скопје, Основен суд Струмица и Основен суд Струга беа повлечени поради некомплетни извештаи.

Денеска беше донесена и Одлука за објавување на огласи и формирање на комисија за избор на претседатели во Вишиот управен суд, Основниот граѓански суд Скопје, Основниот суд Велес, Основниот суд Делчево, Основниот суд Кичево, Основниот суд Крива Паланка, Основниот суд Неготино и Основниот суд Штип.

Разгледувањето на Извештајот за констатирана состојба за работата на претседател на суд на Основен суд Кавадарци беше одложена со одлука да се надополни со заклучоци за секој настан поединечно.

Судскиот Совет одлучи одлуката за избор на кандидатот од Академија за судии и јавни обвинители, Драгана Илијоска, за судија на Основен суд Свети Николе, да се стави вон сила и повторно да се објави оглас за избор на судија во овој суд.