Судскиот совет на Република Северна Македонија на итната седница на полноќ му го одзема имунитетот на врховниот судија Наќе Георгиев со што го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција.
Како што соопштија од Судскиот совет, на 487-та итна седница одржана на ден 21 мај 2024 година, Советот расправаше и одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија.
-Судскиот совет, го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ, заради непречено водење на кривичната постапка. Го одобри барањето за одобрување на притвор на судија на Врховниот суд на РСМ поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје и времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ, до правосилно завршување на кривичната постапка, се наведува во соопштението.
Георгиев вчера беше уапсен за примање примање награда за против законито влијание, а како што соопшти полицијата, бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело.