Судскиот совет ќе го испитува случајот со големата разлика во изречената казна на велешанецот што прегази дете и избега

 Заради големата разлика во изречената казна, Судскиот совет најавува дека по годишните одмори, ќе го испита случајот со изречената пресуда на Апелациониот суд во Скопје, со која 18-годишната затворска казна на Основниот суд Велес за сообраќајна несреќа со смртни последици е намалена на 8 години.

Советот апелира до Врховниот суд да обезбеди еднаква примена на законите од страна на судовите преку воедначување на судската пракса, посебно за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

– Советот потсетува дека во неколку наврати и писмено побарал од Врховниот суд, заради невооедначеност на пресудите да се преиспита казнената политика, а по претходно направена анализа на судската пракса, се вели во соопштението од Судскиот совет.

Судскиот совет, исто така, осудува и било каква поделба на судиите по национална припадност и смета дека неодмерените изјави во јавноста предизвикуваат штета по угледот на судството и државата.

Апелациониот суд од Скопје на почетокот на неделава објави дека делумно е уважена жалбата на возачот Ангелче Николов (28) од Велес, кој минатата година на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и тешко ја повреди нејзината мајка, по што избега.

– Одлуката има два дела, пресуда и решение. Пресудата се однесува на првостепената пресуда, која е преиначена само во делот за кривичната санкција и е осуден на единствена казна затвор од осум години, во која му се засметува и времето поминато во притвор од 19 декември 2022, до започнување со издржување на казната затвор. Во останатиот дел пресудата се потврдува. Вториот дел е решение, што се однесува на одбиена жалба против мерката притвор, информираа за МИА од Апелација. 

Првостепената пресуда беше изречена во Основниот суд Велес од петчлениот Кривичен совет, со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова, во март годинава.

На Николов му се судеше за две кривични дела „тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „не укажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ за сообраќајката на 17 декември минатата година. Николов по несреќата побегна од местото на несреќата и два дена се криеше од полицијата.