Наводите во известувањето на Австриската амбасада ќе бидат проверени, информираат од Судскиот Совет.
Оттаму велат дека до Судскиот совет од страна на австрискиот амбасадор е испратен поднесок со наслов известување, а во прилог и исечок од објавен текст во неделникот Фокус.
– Од содржината на примениот допис, членовите на Советот на работен состанок констатираа дека поголемиот дел од наводите се однесуваат на незадоволство од постапувањето на Јавното обвинителство, а во еден дел се споменува и трговски спор, кој се води пред Основниот суд во Гевгелија, кој е во тек. Во содржината на дописот, амбасадорот истакнува сомнеж дека спорот се води под надворешни влијанија, велат од Советот.
Дополнуваат дека од работната средба произлегол заклучок, дека наводите во известувањето ќе бидат проверени од страна на кооординаторите на Основниот суд во Гевгелија и Апелациониот суд во Скопје, со непосреден увид во списите на предметот, дејствијата преземени од страна на судовите и евентуално донесените одлуки.
– По направените посети и увид, Судскиот совет ќе изготви извештај, по што ќе продолжи со преземање на конкретни дејствија за следењето на предметот, внимавајќи да не влијае на одлуките на судот, дополнуваат оттаму.
Амбасадата на Австрија, преку писмено соопштение вчера упати критики до македонското правосудство затоа што австриска компанија не може да наплати отштета од фирма во земјава