Британскиот премиер Риши Сунак денеска во Каиро се сретна со лидерите на Египет и на палестинската управа,при што се согласи со нив дека хуманитарната помош треба да биде пуштена во Газа и да се избегнат цивилни жртви во војната на Израел против Хамас
Сунак разговараше со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и претседателот на палестинската управа Махмуд Абас како дел од дипломатската турнеја на Блискиот Исток.
Британскиот премиер го истакна императивот да се избегне поширок регионален конфликт и да се спречат дополнителни непотребни цивилни жртви, соопшти неговиот кабинет. „Исто така, постигнавме добар напредок за чувствителните прашања како што е обезбедувањето хуманитарна помош за оние на кои им е потребна“, се додава во соопштението.
Сунак вчера го посети Ерусалим
Кога американскиот претседател беше во областа во средата, арапските лидери ја откажаа средбата со него по експлозијата во болницата во Газа за која меѓусебно се обвинуваа и Израел и Палестинците. Во неговиот разговор со Абас, Сунак изрази „длабоко сочувство“ за цивилните жртви во Газа, вклучително и за уништувањето на болницата. Велика Британија соопшти дека го анализира инцидентот и се уште не кажале кој смета дека е одговорен за нападот.
Сунак го посети Ерусалим еден ден претходно за да изрази поддршка за Израел и да се обиде да преговара за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас. Тој потоа се сретна со престолонаследникот Мохамед бин Салман во Саудиска Арабија и го повика да го искористи своето влијание за да ја врати безбедноста во регионот.